Вучиќ до Курти- Реакцијата на Србија ќе биде многу силна и остра

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Реакцијата на Србија ќе биде многу силна и остра, рече денеска претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по најавата на косовскиот премиер, Албин Курти, дека Приштина нема да ја формира Заедницата на српски општини, туку бара Србија да го признае Косово.

Српскиот претседател вели дека не мисли дека од него на состанокот со Курти и меѓународните претставници ќе биде побарано да го признае Косово и дека „народот не треба да се грижи“.

„Ако тој (Курти) кажува дека не сака да зборува за Заедницата на српски општини, туку ние да го признаеме Косово, тогаш тој не мора ни да доаѓа. А, ако од мене очекуваат да го сторам тоа, тогаш не мора ни да ми се јават“, порача Вучиќ.

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека неговата средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, која треба да се одржи кон средината на месецов во Брисел, е со цел да се разговара за идниот дијалог меѓу двете држави, а „не како продолжение на претходниот дијалог“.

Тој најави дека пред преговорите со Белград со посредство на ЕУ, ќе се одржи дебата во косовското Собрание во врска со досега договореното.