Приведени шест луѓе за криумчарење мигранти

Зградата на Министерството за внатрешни работи

Полицијата сузбила организирана криминална група за криумчарење мигранти. Денеска се приведени шест луѓе, додека четири лица-членови на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор, за претходно сторени кривични дела „криумчарење мигранти“. Приведени се лица од Штип, Велес и Валандово. МВР презема мерки за приведување на уште три луѓе, соопштуваат од полицијата. Во текот на денешниот ден до надлежното обвинителство ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Во рамки на истрагата денска биле извршени претреси во објекти на 11 локации на подрачје на Велес, Скопје, Штип, Струмица и Валандово, соопштија од МВР. Од засега извршените претреси, се наведува во соопштението од МВР, пронајдени и одземени се: пари, мобилни телефони, СИМ картички, половина килограм марихуана, како и други предмети од интерес на истрагата.

МВР соопшти дека криминалната група ја предводел 33-годишник од Велес. Тој заедно со две лица со потекло од Блискиот Исток организирале криминална група во земјава која криумчарела мигранти од Авганистан, Пакистан, Сирија, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот Исток. Мигрантите биле илегално префрлани на територијата на С.Македонија од Грција, преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија, Струмица и Демир Капија, од каде потоа со помош на водичи , координирано се доведувале на претходно утврдени и договорени локации. Понатаму мигрантите биле превезувани кон Србија и кон државите на ЕУ

„Парите за пренесување на мигрантите биле исплаќани, преку агенти за брз трансфер на пари, но и во готово, а цената на транспорт по лице изнесувала од 500 до 700 евра“, се појаснува во соопштението од МВР.