Забрането ракување, гушкање или друг вид физички контакт на свадби

Портпаролот на Владата Муамет Хоџа

Владиниот портпарол Муамет Хоџа во однос на протоколот за свадби, прослави и веселби денеска на прес-конференција изјави дека тој предвидува стандардна процедура, односно на влез да има поставено и задолжително да се користи средство за дезинфекција и да се мери температура. Тој додаде и дека просторот на летните тераси треба да е отворен од трите страни, забрането е поздравување со ракување, гушкање или друг вид физички контакт со гостите.

„Ангажирање музика односно естрадни уметници е дозволено само при организирање свадби односно музичарите треба да бидат оддалечени најмалку пет метри од најблиската маса и не смеат да се движат помеѓу гостите. Протоколот дозволува играње на подиум со безбеден простор од четири квадратни метри по лице со почитување на препорачаната дистанца“, рече Хоџа.

Хоџа додаде и дека одговорниот менаџер во објектот каде ќе се одвива прославата треба да добие листа со гости, кои ќе има обврска да ги евидентира и да ги запознае со препораките. Менаџерот на угостителскиот објект, како што нагласи Хоџа, е должен да ја регистрира и пријави прославата во Комората на угостители која води регистар на свадби, прослави и веселби. Ако се движат во затворениот дел, гостите задолжително ќе носат заштитни маски. Во однос на казните за непочитување на мерките, Хоџа рече дека за нив се задолжени надлежните институции што ќе контролираат.

Владата вчера на седница го донесе протоколот со кој се дозволува организирање на прослави на отворен простор односно на летни тераси до максимум сто лица, но не повеќе од 50 проценти исполнетост на капацитетот.