На инфективните одделенија се лекуваат 164 пациенти со Ковид-19

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

На инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 164 пациенти со Ковид-19. Има околу 490 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани четири нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 65 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 99 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 11 оздравени пациенти.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.