Македонија ремизираше со Словенија на претпоследниот тест пред ЕП

Елиф Елмас и Горан Пандев - Македонија - Словенија 1:1 - Скопје 1 јуни 2021

Македонската фудбалска репрезентација вечерва ремизираше против Словенија со 1:1 (полувреме 0:0) во претпоследниот настап пред дебитантското учество на Европското првенство (ЕП) во фудбал.

Водечкиот гол за „црвено-жолтите“ на арената „Тоше Проески“ во Скопје го постигна Елиф Елмас во 55 минута, по асистенција на Езџан Алиоски. Словенците успеаја да се спасат од пораз и да освојат реми во седмата минута од судиското надополнување преку Чрнигој.

Денешниот натпревар се играше пред 10.000 публика во Скопје. Следниот контролен натпревар пред ЕП за Македонија е в петок, против репрезентацијата на Казахстан во Скопје.

Македонија на Европското првенство ќе игра во групата Ц против репрезентациите на Австрија (13 јуни во Букурешт, 18 часот), на Украина (17 јуни во Букурешт, 15 часот) и на Холандија (21 јуни во Амстердам, 18 часот).