Нема да има прекин во вакцинирањето против ковид, тврди Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска најави дека процесот на имунизација нема да биде прекинат, најавувајќи пристигнување на нови вакцини и продолжување на процесот со истата динамика. Како што најави тој, се очекува пристигнување на руски и кинески вакцини, но додаде дека се уште нема точен датум на нивно пристигнување.

„За Спутник и Синовак сè уште немаме точни датуми, за Спутник имаше најави дека ќе биде околу крајот на мај, но досега не се пристигнати. Најавата за пристигнување на вакцините Синовак е за почетокот на јуни. Како што рекоа, првата недела или првите 10 дена, треба да почекаме“, изјави Филипче.

Министерот додаде дека количини на „Фајзер“ веќе пристигнале во текот на вчерашниот ден, според досегашната динамика, а во текот на неделата се очекуваат донациите на вакцини од Бугарија и од Грција.