Поранешни сопственици на италијанска челичарница осудени на 20 години затвор поради загадување

Архивска фотографија: Челичарницата Илва во 2012 година

Двајца поранешни сопственици на италијанската железарница Илва, најголема во Европа, која е и најголем загадувач, денеска се осудени на над 20 години затвор поради емисија на отровни гасови кои предизвикале смрт на стотици луѓе.

Според обвинителството, најмалку 400 смртни случаи регистрирани во близина на железарницата Илва во Таранто во јужна Италија, како и кардио-респираторни болести и рак може да се припишат на отровните гасови од високите печки.

Судот во Таранто првостепено ги осуди Фабио Рива и неговиот брат Никола на 22, односно 20 години затвор поради еколошка катастрофа, труење на храната и намерен пропуст во мерките за заштита во железарницата.

Поранешниот претседател на регионот, Никола Вендола, е осуден на 3,5 години затвор.

Семејството Рива призна дека заштедиле најмалку 1,3 милијарди евра меѓу 2009 и 2013 година со одложување на работите за ускладување на работата на железарницата со еколошките стандарди.

Илва беше приватизирана во 1995 година и продадена на семејството Рива, кое било задолжено за повторно отворање на фабриката по кризата во 80-тите години.