Олабавување на мерките – маските паѓаат, се враќаат свадбите

Од утре (1 јуни) се олабавуваат рестриктивните ковид мерки, преземени за спречување на ширењето ковид. Главниот координативен анти-ковид кризен штаб на Владата на денешниот состанок ги разгледа и потврди препораките на Комисијата за спречување заразни болести за олабавување на мерките и предлага конечно усвојување на утрешната Владина седница.

Се укинува носењето маска на отворени, а се препорачува носење маска во поголеми групи. Носењето маска во затворен простор и во јавен превоз останува.

Се дозволува публика на спортски натпревари, но само до 30 отсто исполнетост на капацитетите.

Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од 4 лица.

Може да се организираат свадби и прослави со максимум 100 гости, а на свадбите може да има и музичари.

Во угостителските објекти на една маса ќе може да седат шест луѓе, наместо како до сега -четири.

А се препорачува и укинување на мерката за работа во смени и од далечина.

Полицискиот час од полноќ до 04 четири часот наутро останува да важи до 15 јуни годинава.

На состанокот била земена предвид моменталната поволна епидемиолошка состојба со ковид-19 во државата, па затоа се донесени препораки за олабавување на мерките, почнувајќи од 1 јуни 2021 година.