СЗО: Пандемијата ќе заврши кога ќе се вакцинираат 70% од луѓето

Илустрација - Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Директорот на филијалата на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, синоќа предупреди дека пандемијата со Ковид-19 нема да престане додека не се вакцинираат најмалку 70% од луѓето, критикувајќи ја вакцинацијата на стариот континент како „бавна“. Клуге рече дека нема простор за затишје кога станува збор за пандемија.

„Немојте да мислите дека пандемијата Ковид-19 е завршена. Пандемијата ќе заврши кога со вакцинација ќе достигнеме минимална покриеност од 70 проценти“, изјави Клуге за АФП и додаде дека треба да се забрза вакцинацијата.

Во 53 земји и територии кои го сочинуваат Европскиот регион на СЗО - вклучително и неколку во Централна Азија - 26 проценти од населението ја примиле првата доза на вакцината Ковид-19. Во Европската унија, 36,6 проценти од населението примило барем една доза, а 16,9 проценти биле целосно вакцинирани, пренесува АФП.