Тајванци во Бардовци, навивачи на стадион...

РУСИЈА - Русија соопшти дека одлуката на Вашингтон да не се приклучи на договорот за контрола на оружјето со кој се дозволуваат невооружени воздушни летови над десетици земји учеснички ги замаглува изгледите за разговори за контролата на оружјето на планираниот Самит меѓу претседателите на двете земји наредниот месец.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е еден од обвинетите за организирање на насилните настани на 27 април 2017 во Собранието, бара да сведочи пред полиграф за да ја увери јавноста дека не е виновен за случајот Крвав четврток. Фотографијата е илустрација.

МАКЕДОНИЈА - Двете собраниски комисии - за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија го прифатија предлогот на Граѓанската иницијатива Учебници и настава мора да има да се иницира референдум за граѓаните да се изјаснат за Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

МАКЕДОНИЈА - Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека сузбиле криминална група од Тајван што вршела телекомуникациски измами и трудова експлоатација на државјани на таа земја. Во акцијата, соопшти полицијата, приведени девет лица-државјани на Тајван. Криминалната група функционирала во повеќе земји, а македонската полиција за акцијата се координирала со тајванските колеги и со ИНТЕРПОЛ.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека неговото негодување кон Основното обвинителство за случајот со поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски потврдило дека премиерот и политиката не диктираат што треба да работи судството или обвинителството. Тој и денеска повтори дека се согласувал со стотици предмети, но дека со неколку има право да не се согласува.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека има околу 230 илјади дози на вакцини за ревакцинација. Додека, пак, според него за прва доза на вакцина останати се под 10 илјади вакцини. Очекува темпото на вакцинација од околу 10 илјади граѓани дневно да продолжи од следната недела кога се очекува да пристигне поголема количина на вакцини, односно 20 илјади донација од Грција и 50 илјади вакцини од страна на Бугарија. Дополнително во јуни, како што рече Филипче, се очекуваат вакцини од Фајзер преку директниот договор со производителот, како и вакцини преку Ковакс механизмот и кенеските вакцини.

ЕУ - Европскиот дигитален ковид сертификат (EU Digital COVID Certificate) содржи доказ за вакцинација, доказ за негативен ПЦР или антигенски (рапид) тест или доказ за прележана болест, заедно со основните лични податоци. Сертификатот денеска беше презентиран во Атина од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министерот за дигитална политика Кирјакос Пијеракакис, а во присуство на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас.

ГЕРМАНИЈА - Германија официјално признава дека извршила геноцид врз домородните етнички групи Хереро и Нама за време на германската колонијална окупација на Намибија.

САД - Руски хакери започнаа нов напад врз американски владини агенции и тинк-тенкови користејќи имејл-адреса за маркетинг на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), соопшти вчера Мајкрософт. Бранот напади бил насочен кон околу 3.000 имејл адреси во повеќе од 150 различни организации, соопшти потпретседателот на Мајкрософт Том Барт во објава на блог.

МАКЕДОНИЈА - Во знак на поддршка на македонската фудбалска репрезентација, која првпат се пласираше на една Европското првенство, Владата на синоќешната седница, одржана преку видеоконференциска врска, донесе Одлука за исклучок од постоечката забрана за одржување на спортски натпревари. Како што информира владината Прес-служба, согласно оваа Одлука, подготвителниот натпревар на македонската фудбалската репрезентација со Словенија, кој треба да се одржи на 1 јуни на Арената Тодор Проески во Скопје, ќе се одигра во присуство на публика, со 30 проценти исполнетост од капацитетот на трибините.