Русија им најави на авиокомпаниите одложувања поради забраната на воздушниот простор врз Белорусија

Русија-авион на белорускиот државен превозник Белавиа слетува на аеродромот Домодедово во близина на Москва, 28.02.2021

Руската агенција за воздушен сообраќај соопшти дека промената на рутите од Европа кон Русија, бидејќи некои авиокомпании го избегнуваат белорускиот воздушен простор поради спорот меѓу Минск и Западот, може да резултира со подолго чекање дозвола како резултат на зголемениот број такви барања.

Росавијација денеска соопшти дека ги известила авиокомпаниите да очекуваат одложувања. Лидерите на ЕУ побараа од европските превозници да го избегнуваат белорускиот воздушен простор, откако авион на Рајанер беше принуден да слета во Минск по што беше уапсен белоруски опозициски новинар, што предизвика меѓународна осуда. Во исто време белоруската авиокомпанија Белавиа доби забрана за летање во ЕУ, по што беа откажани летовите до седум европски земји и до руската енклава Калининград.

Рускиот претседател Владимир Путин треба да разговара за кризата со белорускиот водач Александар Лукашенко денеска во Сочи. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел денеска во Лисабон предупреди дека постои ризик од ескалација во кризата откако Москва не им дозволи пристап на авионите на Ер Франс и на Аустриан Ерлајнс.

„Сè уште не знаеме дали станува збор за специфични случаи или за генерален потег на руските власти“, рече тој.

Во меѓувреме Москва соопшти дека летовите биле откажани поради „технички причини“.Портпаролката на руското МНР Марија Захарова на Фејсбук напиша дека западните земји се целосно неодговорни и ги загрозуваат патниците со тоа што забраниле летови на Белорусија.