Филипче - Останати се уште 10 илјади вакцини за прва доза и околу 230 илјади за ревакцина

Министерот за здравство Венко Филипче прими прва доза вакцина против ковид-19 од Синофарм, архивска фотографија

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека има околу 230 илјади дози на вакцини за ревакцинација. Додека, пак, според него за прва доза на вакцина останати се под 10 илјади вакцини. Очекува темпото на вакцинација од околу 10 илјади граѓани дневно да продолжи од следната недела кога се очекува да пристигне поголема количина на вакцини, односно 20 илјади донација од Грција и 50 илјади вакцини од страна на Бугарија. Дополнително во јуни, како што рече Филипче, се очекуваат вакцини од Фајзер преку директниот договор со производителот, како и вакцини преку Ковакс механизмот и кенеските вакцини.

„Така што во месец јуни согласно на бројот на пријавени граѓани, согласно пријавени по вработени во критичната инфраструктура, преку стопанските комори со кои што денеска имавме состанок верувам дека тоа темпо ќе биде исто така како што беше до почетокот на оваа недела, односно крајот на минатата“, рече Филипче.

Тој додаде неговиот српски колега му соопштил дека нема да може да се испорачаат вакцините Астразенака за ревакцинација на македонските граѓани кои ја примија првата доза во Србија. Но, како што најави Филипче, втора доза на Астразенека во земјава ќе можат да примат постарите од 60 години, а за таа цел ќе биде отворен и сајт за ревакцинација. Според него, сите сертификати од за вакцинација од Србија се валидни и со сите спецификации кои ги бараат на гранични премини. Филипче истакна и дека во завршна фаза е апликацијата со потребните кодови.