Девет загинати при пад на жичарница во северна Италија

Униптената жичарница која се сруши во Стреза, близу езерото Маџоре во Италија. 23. 05. 2021.

Девет лица денеска загинаа во несреќа која се случи по пад на жичарница кај езерото Маџоре во северна Италија. Несреќата се случила во службата што превезувала патници од одморалиштето Стреза кон блиската планина Мотароне во регионот на Пијемонт, пренесува Би-Би-Си.

На сликата објавена од службите за итни случаи на социјалните мрежи се гледа урнатата жичарница во шумското подрачје.

Официјални лица соопштија дека две деца биле однесени со хеликоптер од местото на настанот во торинската болница.

Тие се единствените преживеани од 11-те патници кои биле во жичарницата, потврди за Ројтерс портпаролот на италијанската алпска служба за спасување.

Официјални лица соопштија дека повикот до службите за итни случаи пристигнал нешто по 12 часот попладне по локално време.

Валтер Милан, исто така портпарол на алпската служба за спасување, за телевизијата „РаиЊуз24“ изјави дека жичарницата останала „згмечена“ откако паднала од толку голема висина.

Причината за инцидентот сѐ уште е нејасна, но локалните извештаи сугерираат на можно оштетување на кабелот што ја носел.