Загинаа над 20 учесници на ултрамаратонот во Кина

Кина: Спасувачки екипи носат носилка на местото каде во екстремно студено загинаа учесници на ултрамаратон на 100 километри во кинеската провинција Гансу. 22.05. 2021.

Дваесет и еден тркач загинаа во невреме што се случи додека се одржуваше маратонска трка во северозападна Кина, пренесува Би-Би-Си.

Силен ветер и леден дожд ги погоди учесниците во ултрамаратонот во должина од 100 километри, во провинцијата Гансу.

Трката беше прекината кога исчезнаа 172 тркачи и започна операција за спасување.

Многу тркачи наводно страдале од хипотермија.

Официјалните лица соопштија дека 150 тркачи биле добро, а осум биле повредени.

Трката започна во саботата во 9 часот наутро по локално време, а некои натпреварувачи тргнале носејќи само шорцеви и маици.

Преживеаните учесници изјавија дека прогнозата покажала дека се очекува ветер и дожд, но дека ништо толку екстремно како што доживеале.

Околу три часа по стартот, планинскиот дел од трката беше погоден од град и силен дожд, предизвикувајќи нагло опаѓање на температурите, изјавија официјални лица од блискиот град Баиџин.

„Дождот стануваше сè потежок“, изјави за Ројтерс Мао Шужи - една од учесничките во трката која во тој момент поминала околу 24 километри од трката и сè уште не била стигната до планините.

Таа одлучила да се врати во нејзиниот хотел, бидејќи претходно имала лоши искуства со хипотермија. Но, другите продолжиле понатаму или веќе биле во најтешко погодените области.

Голем број тркачи наводно го изгубиле патот, бидејќи времето влијаело на видливоста.

Повеќе од 1.200 спасувачи се распоредени долж патеката, кои го пребаруваат теренот со помош на дронови и радарски детектори, пренесуваат државните медиуми.

Операцијата продолжи во текот на ноќта, но понатамошниот пад на температурата уште повеќе го отежна пребарувањето, објави кинеската новинска агенција Синхуа.

Загинувањето на учесниците во трката предизвикаа негодување во јавноста на кинеските социјални мрежи, со критики главно насочени кон владата на Баиџин и незадоволство поради недостаток на планирање за вонредни ситуации.

Градоначалникот на Баиџин, Женг Ксучен на прес-конференција изјави: „Како организатори на настанот, чувствуваме вина и каење. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите и повредените".