Белоруски активист почина во затвор

Витолд Ашурок беше осуден на пет години затвор.

Белорускиот активист Витолд Ашурок почина во затвор додека ја издржуваше казната по учеството во протестите против претседателот Александар Лукашенко.

Според весникот „Наша Нива“, 50-годишниот Ашурок починал од срцев удар во затворот во источна Белорусија.

Близок пријател на затвореникот Сергеј Пантус за белорускиот портал „Онлајнер“ исто така потврди дека Ашурок починал.

Според него, во затворот била повикана сопругата на затвореникот каде ѝ рекле дека срцето на Ашурок му застанало и дека ќе биде спроведена истрага.

Ашурок бил со потекло од западниот регион Хродна. Тој беше член на опозициската партија Белоруски народен фронт и координатор на граѓанското движење „За слобода“.

Тој во јануари беше осуден на пет години затвор за „нарушување на јавниот ред и мир“ и „насилство врз полицијата“ во судски процес зад затворени врати.

Претседателот Лукашенко кој е на власт од 1994 година, беше соочен со големо протестно движење кое го отфрли неговиот реизбор за шестиот мандат на изборите во август 2020 година, сметајќи дека изборите биле наместени.

Во текот на летото и есента минатата година, движењето на протестите во Минск и во другите градови собра десетици илјади луѓе.

Сепак, протестите постепено престанаа поради масовните апсења, полициското насилство во кое беа убиени четири лица, како и постојаното судско малтретирање и тешките затворски казни против активистите и новинарите.

Лидерката на опозицијата Светлана Тихановска која е во егзил во Литванија, остро ја осуди смртта на Ашурок.

„Луѓето не само што страдаат, луѓето умираат поради режимот во Белорусија“, изјави таа на Твитер.

Портпаролот на Европската унија Питер Стано во објава на Твитер повика итно да бидат ослободени сите политички затвореници во Белорусија.