Лончар - Србија досега доби над пет милиони вакцини

Архива - Контингент од кинеските вакцини Синофарм пристигнува на аеродромот во Белград.

Нов контингент од 266.000 дози од кинеските вакцини „Синофарм“ денеска пристигна во Србија.

Министерот за здравство Златибор Лончар и амбасадорката на Кина во Србија, Чен Бо, ја пречекаа пратката со вакцините на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.

Лончар ѝ се заблагодари на кинеската амбасадорка за новиот контингент вакцини.

„Ни пристигнуваат стотици илјади вакцини, но тие не паѓаат од небото. Потсетувам дека голем дел од светот сè уште води голема битка за вакцините. Ние денеска сме во оваа ситуација, бидејќи воспоставивме пријателство помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и кинескиот претседател Си Jinинпинг. Да не беа одличните односи, од сето ова немаше да има ништо“, изјави Лончар пред новинарите.

„Со овој контингент досега добивме 3.500.000 вакцини од Кина, кои ги купивмем, како и 200.000 дози како донација за српската армија. Србија досега набави и прими повеќе од 5.500.000 дози вакцини. Можам да кажам дека околу 26 мај ќе добиеме уште голема количина кинески вакцини“, рече Лончар.

Тој апелираше до младите да се вакцинираат.

Според податоците на српското Министерството за здравство објавени на 21 мај, во изминатите 24 часа биле евидентирани 391 случај на новозаразени од коронавирусот, а 13 лица починале.

Руските и кинеските вакцини Спутник V и Синофарм, не беа одобрени од Европската агенција за лекови. Светската здравствена организација (СЗО) на почетокот на месецов ја одобри кинеската вакцина Синофарм за итна употреба.