Доколку вработените по Рамковен договор кои се распоредени во УЈП не покажат резултати во работењето, тогаш ќе мора да се поздравиме со нив, изјави директорката на институцијата Сања Лукаревска, која пред некој ден беше назначена и за заменик претседател на СДСМ.
„Сите кадри кои се во УЈП се во рамки на нашата систематизација која ја променивме за да можеме да ги примиме. Тие ќе поминат тест, ние нема да ги галиме. Ако не покажат резултати, ќе мора да се поздравиме соодветно затоа што никој директор кој си ја сака институцијата и работи совесно и чесно, не би сакал да има дамки во своето работење“, рече Лукаревска за Телевизија 24.
За одлуката на поранешниот директор на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, кој одби да прими вработени по Рамковниот договор, по што доби отказ од функцијата, Лукаревска рече дека тоа е негова лична одлука и оти тоа е за респект.
Според неа, ситуацијата во УЈП е поинаква и имаат недостиг на кадар.
Пауновски, кој исто така вечерва беше гостин во емисија на Телевизија 24 изјави дека не можел да ги прифати понудените кадри затоа што имале несоодветно образование, а не затоа што биле Албанци.
„Не се работи за пркос, само ја барав правдата и ја штитев институцијата“, рече Пауновски.
Разрешувањето, како што посочи, не го гледа како казна. Тој порача и дека ќе и се извини на јавноста и ќе ѝ честита на новата в.д директорка доколку може да ги прими 35-те лица, кои се распоредени за вработување.
Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски изјави дека разрешувањето на директорот на Државниот пазарен испекторат, Стојко Пауновски е согласно законот и Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции.