Ангелов: Бугарија останува отворена за прагматичен дијалог со С.Македонија

Министерот Бујаро Османи и бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, МНР Скопје, 28 октомври 2020

„Бугарија останува отворена за прагматичен и отворен дијалог со Република Северна Македонија, којшто ќе ја обнови довербата меѓу двете држави и ќе ја активира билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес“, порачал денеска бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов на средбата со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, соопшти бугарското МНР.

„Во рамки на разговорот беше потврдена бугарската национална позиција, дека одржувањето на добрососедски односи и добивањето на неопходните гаранции во рамките на процесот на проширување за исполнување на Договорот за добрососедство меѓу двете земји од 2017 година, остануваат главен приоритет на Бугарија“, стои во соопштението на бугарското МНР.

Османи, како што се наведува во соопштението, го поздравил прагматичниот пристап на техничката Влада на Бугарија за враќање на довербата меѓу двете држави и изјавил дека очекува скорешна средба со неговиот бугарски колега Стефан Стоев.

Двајцата соговорници, според соопштението, го поздравиле заедничкото патување на шефовите на двете земји, Румен Радев и Стево Пендаровски, кои заедно ќе оддадат почит пред делото на светите браќа Кирил и Методиј во Рим.