Инаугуриран Стратешкиот совет за надворешна политика

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Во Министерството за надворешни работи денеска се одржи инаугуратувниот состанок на Стратешкиот совет за надворешна политика. Според шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, министерството започнало нов процес за создавање нова десетгодишна надворешна политичка стратегија која почива на три столба.

Според Османи, првиот столб ќе се базира на широки граѓански консултации надворешната политика, вториот столб претставуваат специјализираните тематски конференции, а третиот столб е формирањето на Стратешкиот совет за надворешна политика како постојано советодавно тело на министерството, кое ќе служи, како што наведе,како посебен филтер, еден вид на инка низ која ќе се транспонираат политичките насоки кои ќе се собираат во рамките на консултативните процеси.

„Се работи за квалитетни луѓе, докажани експерти во сите области, исклучително искусни и добри познавачи на приликите во дипломатијата- од професори и академици, па се до претставници на реалниот сектор, како бизнисмени и економисти“, додаде Османи.

Меѓу членовите на советот се поранешната пратеничка на ВМРО-НП и функцонерка на ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Божиновска, Срѓан Керим, кој беше претседател на Генералното собрание на ОН, професорот Марјан Ѓуровски, поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, екс министерот за надворешни работи, Денко Малевски, Марко Трошановски од Институтот за демократија, поранешната пратеничка Ивана Туфегџиќ, поранешниот пратеник Гордан Горгиев, Лазар Еленовски, директорот на Алкалоид, Живко Мукаетов, Виктор Габер, Ајдован Адемовски.

Османи нагласи дека до конечниот избор на членовите се стигнало преку консултации, при што се воделе на принципот на „експертиза, искуства и познавање, мешање на искуство и млада енергија, но и инклузивност и партиципативност.