Претставник на Хамас предвидува прекин на огнот за неколку дена

Висок функционер на Хамас предвиде прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас за неколку дена, иако нападите меѓу израелските воени сили и милитантната група што владее со Газа продолжуваат со несмален интензитет. Официјалниот претставник на Хамас, Муса Абу Марзук, за либанската телевизија Ал-Мајадин изјави дека смета оти тековните напори за прекин на огнот ќе успеат „за еден или два дена“.

Неколку часа подоцна израелските воени авиони извршија десетина воздушни напади, а Палестинците истрелаа повеќе ракети, продолжувајќи ги борбите веќе 11-ти ден.

Израелската армија соопшти дека нејзините авиони удриле во, како што рекоа, „единица за складирање оружје“ сместена во домот на член на Хамас во Газа и „воена инфраструктура сместена во резиденциите“ на други команданти на Хамас, вклучително и во градот Кан Јунис на југот од Газа.

Медицински извори соопштија дека биле ранети четири лица. Од почетокот на борбите, според палестинските здравствени власти, убиени се 228 лица. Израелските власти соопштија дека бројот на жртвите во Израел е 12.