Поранешниот албански претседател Сали Бериша непожелен за САД

Сали Бериша

Поранешниот албански претседател, кој едно време беше и премиер, а и лидер на опозициската Демократска партија, Сали Бериша и неговото семејството се прогласени за персона нон грата во САД.

„Бериша во неговото официјално својство, особено како премиер на Албанија бил вклучен во коруптивни активности, како на пример злоупотреба на јавни фондови. Тој бил вмешан во политички процеси, вклучително и употреба на моќ за лична корист и збогатување на политичките сојузници, како и на членови на семејството“, се наведува во изјавата на американскиот државен секретар Антони Блинкен објавена денеска, како и на официјалната веб-страница на Стејт департменот.

„Коруптивните постапки на поранешниот претседател на Албанија, Сали Бериша, ја поткопуваат демократијата во Албанија. Јавно изјавувам дека Бериша и членовите на неговото потесно семејство не се пожелни да влезат во Соединетите Држави. Остануваме обединети против корупцијата со нашите партнери во Албанија“, напиша Блинкен на Твитер.

Покрај Сали Бериша, непожелни за САД се и неговата сопруга, Лири Бериша, неговиот син, Шкелзен Бериша и неговата ќерка, Аргита Бериша Малтези. Тие немаат право да патуваат во САД, посочува Блинкен.

Бериша преку реакција на Фејсбук, вели дека во текот на 30 години во политиката немало обвинение против него од кого било.

Исто така наведува дека членовите на неговото семејство никогаш немале корист од јавни фондови и средства и никогаш не биле обвинети од албанското или правосудството на која било друга земја.

Бериша го предизвикува државниот секретар Антони Бликен да ги објави јавно сите факти и документи со кои располага американската администрација или кој било во светот за да го аргументираат своето тврдење пред самиот поранешен премиер и неговото семејство.

Меѓу оние кои до сега се прогласени за непожелни за САД е поранешниот главен државен обвинител Адриатик Лала, екс градоначалникот на Драч, Ванѓуш Дако и поранешниот пратеник и бизнисемен Том Доши.