Заев од Брисел: Очекуваме меѓувладината конференција да се одржи до крајот на јуни

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев пред почетокот на средбата со претседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, изјави дека на вечерата на која ќе присуствува ќе им ја пренесе на лидерите на Европската Унија пораката дека очекува меѓувладината конференција да се одржи уште во португалскиот мандат. Тој изјави дека Македонија ги заврши сите свои обврски што произлегуваат од листата со критериуми за почеток на завршниот преговарачки процес за пристапување во членство во Европската Унија и дека тоа Комисијата го препозна. Заев изјави дека очекува одлука за прифаќање на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ уште во мандатот на португалското претседателство со Унијата.

„Претставници на ЕУ знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет и македонскиот јазик не се и никогаш нема да бидат за преговори. Знаат и разбираат дека тоа ниту било, ниту треба да биде на европската маса за преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ“, потенцираше премиерот Заев во изјавата од Брисел.

Заев изјави дека Северна Македонија во секој момент е подготвена и има добра волја за прашања од билатерален карактер со Бугарија во секое време без тоа да влијае на македонското пристапување во Европската Унија.