Земан и се извини на Србија за бомбардирањето на НАТО во 1999 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ во посета на Прага на средба со чешкиот претседател Милош Земан

Чешкиот претседател Милош Земан денеска се извини за бомбардирањето на НАТО врз поранешната Југославија во 1999 година во која учествуваше неговата земја, а тој во тоа време бил премиер. Тој ова го изјави во текот на денешната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на Прага. 78 дневното бомбардирање предводено од САД врз српските трупи ги принуди да излезат од Косово и по двегодишната војна, Косово доби независност.

„Сакам да ја искористам оваа можност да се извинам за бомбардирањето врз поранешната Југославија. Чешка „очајно “ бараше партнери во Алијансата кои би се спротивставиле на таа идеја за бомбардирање но, на крајот не успеа. Тоа беше недостаток на храброст. Со оваа молба за прошка, јас ја решив мојата долгогодишна траума, затоа што каењето е ослободувачко “ изјави Земан.

Вучиќ изјави дека српскиот народ „секогаш ќе биде благодарен “ кон Земан, затоа што тој изјави нешто што никој пред него не го сторил тоа.

„Од овој момент српскиот народ нема да го доживува чешкиот само како пријателски, туку и како братски народ. Српскиот народ нема никогаш да ги заборави зборовите на Земан, вечно ќе бидеме благодарни за тие зборови, затоа што тоа што го кажа за бомбардирањето никој претходно не го изусти“ изјави Вучиќ.

Претседателката на опозициската либерална партија Маркета Пекарова Адамова на својот официјален твитер профил објави документ во кој е наведено дека Земан ја поддржал акцијата на НАТО кога бил премиер на Чешка.
„Милош Земан е извини за Милош Земан. Може да продолжи со извинувањето на сите луѓе кои што ги излажал. Може да почне со Фердинанд Перутника“ напиша таа на Твитер.

Земан беше премиер во периодот од 1998 до 2002 година , по што на претседателската функција дојде во 2013 година.
Воената интервенција на НАТО беше поздравена од Косово како клучна за крајот на конфликтот во 1999 година, каде загинаа над 10 илјади луѓе.