Премиерот Зоран Заев одржа онлајн средба со шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и економисти на ММФ во Вашингтон, информираше денеска прес-службата на Владата.
На состанокот се дискутирало за изгледите за економски раст во земјава согласно разговорите што ги имала мисијата на ММФ во последниве десеттина дена. Во фокус била монетарната и фискалната политика како и инвестицискиот план и среднорочната фискална стратегија.
„Премиерот Заев се осврна на досегашните заложби и мерки на Владата за справување со ефектите од пандемијата, кои дадоа добри резултати, се поддржа стопанството, работните места, како и ранливите категории граѓани. Заев на средбата информираше и за позитивните трендови во земјата кои даваат сигнал на стабилизирање на економија, зајакнување на довербата кај инвеститорите, како и за растот на извозот, на индустриско производство, внатрешниот промет, како и на просечната месечно исплатена нето плата,“ се вели во соопштението.
Видете и ова:
ММФ: Светски економски изгледи - управување на закрепнувањето
Во врска со проекцијата за економски раст, премиерот Заев информирал дека согласно владините проекции економскиот раст ќе остане на 4,1 проценти за 2021 година, што е на линија со проекциите на ММФ од 3,8 проценти, Народната банка од 3,9 проценти и на Европската комисија од 3,7 проценти.
На состанокот било заклучено и дека со стивнувањето на пандемијата и масовната вакцинација се дава силен стимул дека економијата се враќа на патеките на економски раст.