Над 127 исчезнати во бродолом кај индиското западно крајбрежје

Илустрација - Пристаништето во Мумбаи

Повеќе од 127 лица исчезнаа во бродолом откако циклонот Тауктае го погоди бродот ангажиран од државна нафтена компанија крај брегот на Мумбаи, на западот на Индија, јави индиската морнарица, пренесе ДПА.

Во потрагата по исчезнатите учествуваат два брода и хеликоптери на морнарицата. Досега, како што наведува индиската морнарица, спасени се 177 лица од бродот, што полека отплови и потоа потона во близина на Бомбај Хај, крајбрежно нафтено поле со кое управува корпорацијата за нафта и природен гас.

„Многу од персоналот, што носи елеци за спасување, најверојатно се наоѓа во вода. Морето е немирно, со силни ветрови и високи бранови, па спасувањата во овие екстремно предизвикувачки околности ќе продолжат и во текот на денот“, изјави за ДПА портпаролот на морнарицата Вивек Мадвал.

Видете и ова: Трагедијата во Индија низ фотографии

Обилните дождови предизвикани од циклонот Тауктае во Арапското море, во последните неколку дена предизвикаа поплави во Индија. Циклонот, со налети на ветрот од над 140 километри на час, вчера го погоди индискиот брег во сојузната држава Гуџарат. Повеќе од 200.000 лица се евакуирани од своите домови.