Во Брисел средба на Борел со лидерите на земјите од Западен Балкан

Жозеп Борел

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска во Брисел ќе има работна вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Портпаролот на Европската комисија Петер Стано изјави дека Борел очекува на вечерата лидерите од Западен Балкан да му ги презентираат своите ставови за политичката состојба и развојот во регионот. Тој одговори на новинарско прашање во врска со тоа, имајќи предвид дека високиот претставник на ЕУ минатата недела им рече на шефовите на дипломатиите од Унијата дека ситуацијата на Западен Балкан претставува „сериозен геополитички проблем“.

„Самото одржување на состанокот е важно затоа што Борел оцени дека немало такви состаноци меѓу високи претставници на ЕУ и Западен Балкан“, рече Стано.

Според него, ова е „логично продолжение на дискусијата што министрите за надворешни работи на ЕУ ја одржаа минатата недела за регионот, кога дискутираа од поширок стратегиски и политички агол за Западен Балкан, а не само за проширувањето“.

Министрите за надворешни работи на Унијата, според Стано, сакале да ја разгледаат ситуацијата од поширока перспектива.

„Причината и целта на оваа средба е навистина да се слушне од лидерите на Западен Балкан како тие ја гледаат тамошната политичка ситуација“, изјави портпаролот на Борел.