Столтенберг: КФОР останува во Косово

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг потврди дека нема никакви промени во мировната мисија на КФОР во Косово.

“Сите 30 сојузници на НАТО, вклучително и Соединетите Американски Држави се посветени на мисијата на КФОР. Мисијата е најопипливиот и најконкретниот израз на посветеноста на НАТО на целиот регион“, рече Столтенберг.

Тој го кажа ова по состанокот со претседателот на Србија Александар Вучиќ кој на новинарите им рече дека е задоволен од одговорите кои ги добиле.

“Имавме неколку прашања за некои гласини и се останато, а тоа што го добивме од Столтенберг е јасен одговор за неопходноста на одржувањето на мирот и стабилноста во регионот и фокусирањето на силите на КФОР на тоа. Како што реков тоа е нешто што го баравме и што ќе ги смири луѓето не само во Косово туку и во целиот регион. Тоа има најголемо значење за државата Србија“, рече Вучиќ.

Повикувајќи се на разузнавачки извори Вучиќ минатата недела рече дека една од големите сили наскоро и јавно ќе побара повлекување на силите на КФОР и УНМИК од Косово.