Локални избори, глобални самити

ИНДИЈА - Индија денеска забележа пад на нови случаи на инфекција со коронавирус, иако дневниот биланс на смртни случаи е над 4000, пренесува Ројтерс. Но, експертите предупредуваат дека бројките веројатно се неверодостојни поради недостаток на тестирања во руралните области, каде што вирусот се шири брзо.

РУСИЈА - Рускиот суд го одложи рочиштето за случајот против политичката мрежа на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, со цел да утврди дали неговата организација треба да биде прогласена за екстремистичка, објави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

ГЕРМАНИЈА - Германскиот министер за здравство Јенс Шпан денеска рече дека постојниот систем на давање предност на најзагрозените групи да се вакцинираат први нема да важи по седми јуни за кога земјата планира да почне со вакцинација на сите заинтересирани.

ИЗРАЕЛ / ПАЛЕСТИНА - Израел соопшти дека во воздушните напади убиле висок палестински воен командант во Газа и уништиле тунели кои ги користеле милитантите од Хамас за ракетни напади врз израелски градови. Израелската војска наведе и дека нивните воени авиони извршиле акција на силни воздушни напади во појасот Газа денеска уништувајќи 15 километарски тунели.

МАКЕДОНИЈА - ИИзвршната власт е бирана од Парламентот и нејзините претставници заслужија да добијат шанса. Тие се околу 8,5 месеци министри, раководители и слично имајќи во предвид дека Владата е бирана лани на први септември не би требало да има измени. Ова го порача премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во одговор на новинарско прашање, дали по конгресот на СДСМ треба да очекуваме промени во извршната власт.

БЕЛГИЈА - Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел очекува на утрешната вечера во Брисел, лидерите од Западен Балкан да му ги презентираат своите ставови за политичката состојба и развојот во регионот, изјави портпаролот на Европската комисија Петер Стано.

ЕУ - Европската унија побара од Русија да го укине контроверзниот закон за странски агенти кој се користи против медиуми на руски јазик меѓу кои и Радио Слободна Европа. Денешниот повик на ЕУ, кој дојде преку портпаролот на шефот на европската дипломатија Џозеп Борел, следува откако руските власти го проширија опфатот на законот донесен пред девет години и ја засилија неговата примена.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската влада сè уште не одлучила дали ќе ја прифати понудата на Фајзер за брзо да ги вакцинира своите олимпијци и параолимпијци против Ковид-19, пред почнувањето на натпреварувањето во Токио ова лето.

САД / ДАНКСА - Американскиот Државен Секретар Ентони Блинкен, во рамките на турнејата во северна Европа, денеска во Копенхаген имаше средби со лидерите на Данска.

ХРВАТСКА - На вчерашните локални избори во Хрватска, според првите нецелосни резултати на Државната изборна комисија, на гласањето за градоначалник на главниот град Загреб најмногу гласови освоил Томислав Томашевиќ од зелено- левата коалиција со околу 45 насто, а во вториот круг се пласирал и музичарот Мирослав Шкоро со 12 проценти од гласовите.