Опаѓа бројот на хоспитализирани од Ковид-19

Ковид-19 центар во Скопје

Во ковид центрите и во болниците во главниот град Скопје и во другите градови низ земјата во изминативе 24 часа се лекувале 490 пациенти позитивни или суспектни на Ковид-19, информира Министерството за здравство. Во моментов има 750 празни болнички кревети.

Бројот на новозаболени и хоспитализирани од Ковид-19 периодов опаѓа. Во Скопје во изминатотот деноноќие биле хоспитализирани шест лица поради компликации од болеста, со што на инфективните одделенија во главниот град се лекуваат вкупно 204 лица. На интерните клиники немало нови приеми, а истовремено пуштени се осум оздравени пациенти.

Како што наведуваат од Министерството за здравство, во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 47 пациенти. Според институцијата, бројот на приеми во изминативе денови се намалува и со утрово до 8 часот имало 180 слободни места.

„Се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, велат од Министерството.

Инаку, според вчерашната статистика на здравствените власти, регистрирани се 62 случаи на Ковид-19 од направени 2.557 тестирања. Пријавени беа 14 починати лица. Вкупниот број на ковид дијагностицирани од почетокот на пандемијата е 154.698, а починаа вкупно 5.211 пациенти.