Заев: Aко со Законот за дивоградби застанеме тука, ќе се рушат 50 илјади домови

Премиерот Зоран Заев

Ова е последно носење закон со конечна цел, да заврши бесправното градење од независноста на државата, па дури и претходно, за време на поранешна Југославија, изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во врска со одлуката на претседателот Стево Пендаровски, да не го потпише Законот за легализација на дивоградбите. Сега Законот, како што потсети Заев, се враќа во собраниска процедура.

„Повторно ќе дискутираме во Парламентот, зашто ако со Законот застанеме тука, службите треба веднаш да тргнат и да ги рушат преку 50-те илјади домови на граѓаните“, рече Заев.

Според него, со Законот, нема да се легализира секој бесправно изграден објект, туку се дава можност за остварување право на сочувување на домот пред се на граѓаните кои се под прагот на сиромаштијата. Има објекти, како што наведе, кои се времени градби или објекти со несоодветни намени на плановите, кои не подлежат на правото на легализација. Во однос на парцелата кај Холидеј ин, премиерот подвлече дека законите мора да се почитуваат.

Заев одговарајќи и на други прашања од новинарите уште еднаш ја повика Европската унија да остане на зборот и да го испорача она што и го ветила на земјава, односно одржување на првата меѓувладина конференција. Од новата бугарска Влада, Заев порача дека очекува лидерство, одговорност и грижа за Западен Балкан, посебно грижа за нејзиниот, како што рече, прв западен сосед- Северна Македонија. Заев очекува португалското претседателство да преземе конкретни чекори со двете земји.

„ЕУ е таа што мора да донесе одлука како што ние моравме ако сакаме да одиме кон ЕУ, да ги донесеме одлуките доминантно за реформите. Покажавме европски манири и одговорност, презедовме сериозни ризици, очекуваме соодветен одговор од ЕУ. Ние овојпат со неа си имаме работа, а со Бугарија имаме билатерален Договор кој е значително реализиран“ нагласи Заев, одговорајќи на новинарски прашања по увидот во градежните активности на улицата „Орце Николов“ во Општина Центар.

Заев уште еднаш потенцира дека за македонскиот јазик и идентитет нема преговори. Според него, сите лидери на ЕУ ќе направат контакти со двете земји во овој период.

Во однос на утрешниот конгрес на СДСМ рече дека партијата е отворена за нови луѓе, за нови шасни да напредуваат во своја кариера, но, по пат на дискусија на Извршниот одбор и Централниот одбор, и на крајот во конгресот ќе се донесат сите одлуки. Околу наводните шпекулации за избор на новото раководство на партијата Заев истакна дека се што излегува во јавноста се најверојатно дискусии кои се водат во рамки на на органите и телата на партијата.