Филипче: Рано е да се тргнат маските на отворено

Министерот за здравство Венко Филипче прими прва доза вакцина против ковид-19 од Синофарм

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сè уште е рано да се тргне препораката за носење маски на отворено и најави дека за тоа ќе се разговара на почетокот на следната недела на состанок на Комисијата за заразни болести.

Во однос на тоа дали овие правила треба да важат и за тие што се веќе вакцинирани до две дози тој рече дека прво треба да се тргне препораката за носење маски на отворено, па евентуално тогаш да се размислува за тоа вакцинираните со две дози да не носат маски на затворено. Притоа рече, треба да се слуша ставот на експертите.

„Еве реално е дека многу граѓани навистина и во парковите не се придржуваат до таа мерка. Лично сметам дека е рано се уште. Сепак е потребен поголем опфат со вакцинација, меѓутоа во исто време треба мерката да има логика, топло време итн“, изјави министерот Филипче.

Тој прашан за тоа кој е доминантен сој на коронавирусот во земјава истакна дека тоа е британскиот, иако, како што истакна имало и случаи на други соеви, но тие биле изолирани.

„Дефинитивно доминантен е британскиот сој на вирус. Очигледно е дека има други поединечни случаи, заради тоа што имаше детекција на јужноафрикански сој кај граѓанин од Делчево кој бил заразен во месец март. Тој бил човек патувал и во западноевропски земји, бил возач на камион. Но, тоа ни укажува дека поединечните случаи од очигледно други вируси што биле присутни, сепак се само поединечни и нема тенденција некој сој на вирсуот значајно да предоминира над британскиот. За да предоминира некој сој како што британскиот збриша се претходно кога се појави, треба да биде многу полесно пренослив од тој што е актуелен. Очигледно е нема таква тенденција“ изјави министерот за здравство.