Италија го казни Гугл поради злоупотреба на доминантната положба

Гугл мапс

Гугл ќе биде казнет со над 100 милиони евра во Италија поради злоупотреба на доминантната положба на пазарот, соопшти денеска италијанското тело за заштита на конкуренцијата.

Казната од 102 милиони евра е образложена со одбивањето на интернет гигантот на својата платформа Гугл плеј да прифати независна апликација која овозможува пронаоѓање страници за полнење електрични автомобили.

„Со оперативниот систем Андроид и продавницата за апликации Гугл плеј, Гугл има доминантна положба. Треба да се има на ум дека во Италија околу три четвртини од паметните телефони користат Андроид“, се наведува во соопштението.

Според италијанскиот регулатор, Гугл не одобрил употреба на апликацијата ЏусПас, која ја развил италијанскиот енергетски гигант Енел.

Таа апликација е конкурент на апликацијата Гугл мапс.

Италијанскиот регулатор исто така му наложи на Гугл да им ги стави на располагање на компанијата Енел Икс Италија и на другите производители на апликации „инструментите за програмирање апликации на Андроид Ауто“.