Завршни зборови за Тортура: Апсењето на Бошковски е политички реваншизам

Судење за случајот Тортура за апсењето на Љубе Бошкоски

Од сите изведени материјални и вербални докази се докажа дека обвинетите ги повредиле нормите на етичко и морално поведение и го сториле делото „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“, со основен мотив предизвикување на страдање поради поинаква политичка определба, популарно наречен политички реваншизам, изјави пред Судот во завршен збор за случајот „Тортура“ обвинителот Љубомир Лапе.

„Обвинетите во конкретниот случај со своите дејствија ги оствариле битните елементи на ова кривично дело. Сметам дека превагнувачки начин на извршување е политичката дискриминација, односно основниот мотив бил предизвикување на страдање поради поинаква политичка определба, популарно наречен политички реваншизам, поради што токму овој начин на извршување е предмет на ова обвинение, рече Лапе.

Тој посочи дека од видео снимката на МВР од апсењето на 6 јуни 2011 година, јасно се гледаат сите дејствија на обвинетите на чинот на апсење на Љубе Бошковски – од негово легнување на земја и приведување.

Судење за апсењето на Љубе Бошкоски: „Рекоа дека најверојатно ќе апсиме дилер“

„Прво прашање е зошто снимката од апсењето е сечена и заматена. Точниот одговор се наоѓа од разговорот на Гордана Јанкуловска и Иво Котевски дека има и некои понасилни елементи и дека тие не треба да се даваат“, рече Лапе во завршните зборови за овој предмет.

Случајот „Тортура“ го води судијката Александра Ристеска, а се однесува на аспењето на лидерот на „Обединети за Македонија“ и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски на 6 јуни 2011 година.

Прв обвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој во обвинението поднесено од поранешното СЈО, е осомничен за кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од КЗ. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“ помеѓу кои Ивица Анчевски, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани.