Советот на Европа бара од Грција да не ги враќа мигрантите од своите граници

илустрација

Советот на Европа ја повика Грција да стави крај на враќањето на барателите на азил од нејзините граници, практика што Атина ја негира.

Во писмото до грчките министри на 3-ти мај, објавено денеска комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ рече дека „имало бројни веродостојни обвинувања“ од 2017 година дека барателите на азил се враќаат во Турција илегално или се оставени да талкаат по морињата затоа што Атина едноставно ги одбила.

Според неа, Агенцијата за бегалци на ООН УНХЦР, исто така, собрала информации за неколку случаи на присилно враќање од јануари 2020 година.

„Ве повикувам да ја прекинете оваа практика и да обезбедите независна и ефикасна истрага за сите овие случаи, како и малтретирање од страна на припадници на безбедносните сили“, изјави Мијатовиќ и истакна дека и условите за живот во грчките пренатрупани кампови на островот се „под стандардите“.

УНХЦР со предупредување до Грција за привремениот камп во Лезбос

Грција одговори дека ги истражила сите обвинувања и утврдила дека „обвинувањата се главно неосновани“.

„Акциите на грчките власти на границите на море се изведуваат во целосна согласност со меѓународните обврски на Грција“, велат министрите во писмото, објавено на веб-страницата на Советот.

Во писмото се забележува дека Грција спасила илјадници луѓе од почетокот на мигрантската криза во 2015 година и дека припадниците на безбедносните служби мораат да ја завршат својата работа во неповолно опкружување со разни намерни дезинформации, кои главно доаѓаат од криумчарските мрежи.