Бугарската привремена влада стапува на должност

Стефан Јанев

Во Бугарија денеска стапува на должност привремената влада која до формирањето нова влада по изборите кои вчера ги закажа шефот на државата Румен Радев за 11 јули ќе ја води Стефан Јанев, близок советник за безбедност и одбрана на Радев. Најсиромашната земја-членка на Европската унија повторно се наоѓа пред избори откако изборите во април резултираа со распарчен парламент и со неуспех во формирањето нова влада. Не се очекуваат големи поместувања во политиката, со оглед на ограничените овластувања на привремената администрација, велат аналитичарите.

Назначена привремена Влада во Бугарија, премиер Стефан Јанев

61 годишниот Јанев беше заменик-премиер и министер за одбрана во претходната привремена влада. Тој ќе има задача да управува со пандемијата на коронавирусот и да обезбеди фер избори, рече Радев. Аналитичарите го оценија назначувањето на Јанев како знак дека Радев, гласен критичар на премиерот во заминување Бојко Борисов, сака да има поголемо влијание во раководењето со земјата, бидејќи тој очекува реизбор на есенските претседателски избори. Според Уставот на Бугарија, претседателот е главно церемонијален шеф на држава со ограничени овластувања, иако игра клучна улога во такви моменти кога партиите не се во можност да формираат влада со назначување привремена администрација.