Заев со Вархеји-идентитетот не може да биде причина за блокада

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со премиерот Зоран Заев во Скопје

Идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија, се согласиле на средбата во Брисел премиерот Зоран Заев кој ја предводи македонската делегација и еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ Оливер Вархеји, соопшти владината прес служба.

Од таму наведуваат дека еврокомесарот Вархеји ја пречекал македонската делегација со пораката дека неговата цел, како и целта на Европската комисија е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Премиерот Заев на средбата со еврокомесарот Вархеји истакна дека високо ги оценува овие напори на Европската комисија и дека очекува соодветно ниво на соговорници и соработници од страна на Бугарија.

Техничката Влада во Бугарија може да е можност за скорешно решение, но очекуваме, вели премиерот, другата страна да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение.

„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“, потенцираше на средбата Заев.

Инаку минатата недела при посетата на Скопје Вархеји рече дека иако процесите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ досега течеа заедно, би можело да дојде до раздвојување и Тирана да ги почне пристапните преговори, а Скопје кое е блокирано од Бугарија, да почека додека не најде решение со Софија.

Премиерот Заев во Брисел е придружуван од заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Покрај со Вархеји тие ќе се сретнат и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, како и со извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс.