Полициски службеници од уште три земји на Европската унија од денеска ќе им помагаат на своите колеги во Словенија да ја набљудуваат нејзината граница со Хрватска, поради загриженоста за можно зголемување на мигранти со подобрувањето на временските услови. Станува збор за 10 полицајци кои доаѓаат од Полска, шест од Литванија и пет од Естонија. Повеќе од милион мигранти и баратели на азил, претежно од Блискиот исток и Авганистан, влегоа во Европската унија преку таканаречената балканска рута во периодот 2015-16 година, што ги поттикна земјите да ја засилат граничната безбедност.
Спасовски: На јужната граница нема посериозен предизвик со миграцијата
Хрватска, како и Словенија, е исто така членка на ЕУ, но не е во Шенген зоната. Ова значи дека мигрантите кои ќе стигнат до Словенија можат многу полесно да патуваат во побогатите земји-членки на ЕУ, а Германија е најпопуларна дестинација. Владата на Словенија во март соопшти дека ќе воведе заеднички патроли со офицери од други членки на ЕУ на нејзината граница со Хрватска, како дел од напорите за спречување на илегална миграција. Неколку илјади мигранти во моментов се заглавени во Босна, земја што не е членка на ЕУ, јужно од Хрватска, откако безуспешно се обидоа да влезат во ЕУ.