Руски суд одби жалба на соработник на Радио Слободна Европа

Људмила Савицкаја, соработник на РСЕ

Судот во западнорускиот град Псков ја отфрли жалбата од соработникот на Радио Слободна Европа Људмила Савицкаја, која го спори нејзиното вклучување во контроверзниот регистар на Русија за масовни медиуми како „странски агенти“. Судот во Псков вчера донесе одлука дека вклучувањето на Савицкаја на списокот на Министерството за правда е законско.

Адвокатите на Савицкаја рекоа дека ќе поднесат жалба на пресудата. Савицкаја и уште четири лица беа вклучени во списокот за медиуми „странски агенти“ во декември 2020 година. Министерството не даде никакво образложение за тоа зошто овие лица биле наведени. Сите петмина се жалеа на нивното вклучување на списокот.

Вчера во судот претставниците на Министерството за правда го презентираа како доказ против Савицкаја написот за антивладините демонстранти, наводна тортура во руските затвори и блокирање на електронските комуникации во областите околу затворите.

Покрај тоа, тие презентираа голем број документи со назнака „само за службена употреба“ од Министерството за внатрешни работи, Канцеларијата на генералниот обвинител и други агенции што на Савицкаја и нејзините адвокати не им беше дозволено да ги испитаат.