Поднесена тужба за тортура против Лукашенко

Александар Лукашенко

Десет противници на режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко поднесоа тужба до Германија поради наводни дела на тортура извршени од тој режим, објави денеска Германското федерално обвинителство.

Како што пренесува агенцијата Франс прес, тужбата е поднесена поради полициската репресија иницирана од белорускиот режим во летото 2020 година, односно по реизборот на Лукашенко.

Постапувајќи во име на „жртви на тортура“, адвокатите изјавија дека поднеле тужба до Федералното обвинителство во германскиот град Карлсруе против Лукашенко и „други белоруски службеници за безбедност“, пренесува белорускиот сервис на Радио Слободна Европа.

Лукашенко ги обвинува САД за заговор за атентат

Адвокатите истакнаа дека ниту Лукашенко, ниту други официјални лица не се соочуваат со правни последици во Белорусија поради прекумерна употреба на сила и тортура врз граѓани уапсени во таа земја.

„Генерално, потезите на властите можат да се наречат само брутални“, наведоа адвокатите во изјавата пренесена од белорускиот сервис на РСЕ.

Како што е наведено во тужбата, делата на наводната тортура се однесуваат на „неосновано апсење, тортура и лошо постапување при притвор, физичко насилство, понижување, закани и навреди“. Во жалбата се наведуваат и случаи на лишување од сон, храна, медицинска нега, па дури и тепање.