МОН- нема бојкот на наставата туку изолирани случаи на отсуство на ученици

Министерство за образование и наука

Министерството за образование и наука информира дека помали групи ученици од неколку училишта во државата не ја посетуваат наставата организирана со физичко присуство или не се вклучуваат во онлајн-наставата. МОН во соопштение ги повикува да се вратат на часовите, апелирајќи и до нивните семесјтва и укажува дека секое неоправдано отсуство се одразува на педагошката евиденција за поведението на учениците и дека отсуството треба да се надомести со дополнителна настава.

„Носење на законско решение кое треба да донесе квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, не смее да биде причина за бојкот. Дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од идната учебна година, а тој тренд е насекаде во светот не смее да ја одмине нашата земја. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот“, наведува МОН во соопштението.

Инаку денеска во дел од училиштата во земјава повторно имаше делумен бојкот на наставата. Бојкотот на наставата е инициран од фејсбук група „Учебници и настава мора да има" која апелира до родителите да ги повикаат своите деца преку отсуство од часовите со физичко присуство или со онлајн настава да изразат незадоволство од реформите. Групата брои над 70 000 членови и од таму велат дека ако Министерството за образование не ги чуе нивните барања можн в недела да излезат на протест низ сите градови во земјава.

Тие бараат да се стопира носењето на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, кој го усвои Владата на 27 април и за кој во Собранието треба да организира јавна расправа, а стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции.