Кинеските вакцини пристигнуваат во внатрешноста, имунизацијата низ државата почнува утре

Кинеските вкацини Синофарм. Илустрација.

Со 200 илјади кинески вакцини „Синофарм“ кои пристигнаа на 30 април утре, според најавите, треба да почне имунизацијата во вакциналните пунктови низ целата држава вклучително и во шест градови во внатрешноста на државата.

Вакциналните пунктови во внатрешноста има во Тетово, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола и Охрид.

Со кинеските вакцини започнува имунизацијата низ цела држава

Денеска првата пратка од вакцините „Синофарм“ за имунизација против Ковид-19 пристигна во Регионалниот центар за вакцинација во Охрид - спортската сала „Билјанини извори“

Овде се монтирани 14 кабини со 28 пунктови за вакцинација, а предвидено е да се врши имунизација на околу 1500 лица дневно.

Во спортската сала на медицинското училиште во Тетово, кое е исто така регионален вакцинален пункт ,пак , денеска се одржа симулација за престојната масовна вакцинација против Ковид-19.

Пунктот ќе работи во две смени, од 8 часот наутро до 20 часот навечер, а се обезбедени 20 кабини каде ќе се одвива вакцинацијата со кинеските вакцини на „Синофарм“.

"Од Тетово до сега за вакцинирање се пријавени 11.000 лица Првата пратка е од 4.200 вакцини само за овој пункт веќе е пристигната. Во првите два до три денови ќе се вакциниораат по 1.000 лица дневно, а понатаму до 1.500“, изјави Боривоје Јоргаќиески, директор на Здравствениот дом во Тетово.

“Апелирам до сите граѓани не само да се вакцинираат, туку и откако ќе го добијат терминот за вакцина да го почитуваат за да може целиот процес да биде ефикасен и брз”, рече градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

Инаку досега во вакциналниот пункт во Здравствениот дом во Тетово се вакцинирани околу 1.600 лица.

И масовната имунизација со кинеските вакцини за граѓаните од штипскиот и струмичкиот регион почнува од утре во 8 часот во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип.

Директорката на здравствениот дом-Штип, Снежана Трајковска, вели дека претпладнето пристигнаа 5.000 вакцини на „Синофарм

Салата „Јордан Мијалков“ има 22 вакцинални пунктови, а дневно ќе може да се имунизираат од 1.000 до 2.000 граѓани

Инаку министерот за здравство Венко Филипче деновиве најави дека масовната имунизација со кинески вакцини синофарм ќе започне веднаш по Велигденските празници и дека очекува 10.000 граѓани на ден да бидат вакцинирани.

На 30 април пристигна испорака на 200.000 кинески вакцини „синофарм.

Бројката на граѓани кои ќе се вакцинираат со кинеските вакцини од утре , како што најави Филипче, дневно ќе биде помеѓу 10 до 15 илјади.

„Акцент ќе се стави на граѓаните кои веќе се пријавени и кои веќе чекаат и според возраста и според приоритетот на пријавување, односно оние кои први се пријавиле и веќе чекаат да бидат повикани. Ако досега не биле повикани ќе бидат според возраста. И тоа ќе се одвива насекаде во државата“, рече Филипче деновиве.

Според информациите објавени од министерот Филипче, досега околу 60.000 лица се вакцинирани против коронавирус во Македонија.