Мас: Спорните прашања меѓу С Македонија и Бугарија да ги решат историчарите, без притисок од надвор

Министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас

Министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас, денеска на заедничката прес-конференција во Берлин со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, порача дека Германија нуди поддршка преку нивните искуства за решавање на билатералното прашање меѓу Скопје и Софија, но останува ова прашање да се реши на билатерално ниво, а преговорите да ги водат историчарите.

" За нас е одлучувачки она што се однесува до преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Самите вешти лица, историчарите, мора да ги водат во рамки на своите комисии, без притисок од надвор", изјави министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, посочи дека клучот на решението на проблемот со Бугарија е во Договорот за пријателство потпишан во 2017 како прецизна политичка рамка за разрешување на било кои недоразбирања.

"Во исто време во континуитет имаме искрен пристап кон нашите соседи со посебен фокус кон Бугарија. Веќе оформивме и Акциски план за линиската соработка меѓу двете држави на повеќе полиња. А подготвени сме да влеземе и во суштинска расправа за недоразбирањата што ја оптоваруваат довербата меѓу двете земји" рече Османи.

Нема напредок по средбата на македонско-бугарската комисија

Мас на заедничката прес-конференција во Берлин дополни и дека Германија многу сериозно ја гледа европската перспектива на земјите во регионот.

"Особено тоа важи за Северна Македонија која одамна ги исполни условите за пристапување кон ЕУ и затоа минатата есен вложивме многу заложби да ја одржиме првата меѓувладина конференција во рамки на нашето претседателство. Тоа не успеа, но сега за време на португалското претседателство и понатаму работиме на тоа, тоа не само што има смисла туку е и неопходно, имајќи ја предвид довербата што граѓаните од Северна Македонија ја имаат во нас, но исто така и интерес на ЕУ е да бидеме што е можно побрзо во можност да ја отвориме таа пристапна конференција" порача германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

Османи исто така рече дека германската поддршка е од суштинско значење за земјава

" Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор - Операционализација на одлуката за полето на преговорите преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти кредибилитетот на евроинтеграцискиот процес. Особено ме охрабрува фактот што во рамки на претседавачкото трио, Германија ја задржува својата проактивна улога во поддршка на португалското претседателство со цел да се донесе вистинската одлука што ќе упати охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти европскиот кредибилитет во целост", истакна Османи.

Мас даде коментар и за нон пејперот што се појави минатиот месец, а во кој се предлага прекројување на границите на Западниот Балкан, потенцирајќи дека какви било промени на границите, каде било, ќе имаат влијание врз целиот регион и ќе има негативни последици за сите.

"Ова е нон-пејпер, а не е официјален документ. Не треба да се занимаваме со тоа понатаму. Не постои никакво учество на Германија, во никакви нон-пејпери, ако има за тоа гласини тоа се лажни вести. За германската надворешна политика секогаш основа на нашата политика за Западниот Балкан е дека не мешаме прсти во границите" рече Мас.

Поддршка од Италија за почеток на преговорите со ЕУ

Мас, истакна и дека ЕУ од мај ќе испрати 650.000 дози на вакцини како донација за Западен Балкан, од кои 110.000 ќе бидат за Северна Македонија.

Посетата на Османи на Берлин продолжува со средбата со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе се сретне и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на Канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и Комисиите во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.