Пендаровски и ВМРО-ДПМНЕ за можно повторно судење за „27 април“, за СДСМ е завршена процедура

Дел од тогашните опозициски пратеници по упадот во Собранието на 27 април 2017 година

На 27 април се случи терористичко загрозување на уставниот поредок, тоа е потврдено и со судски пресуди, рече денеска одговарајќи на новинарско прашање пратеничката од СДСМ Даниела Маркоска.

„Она што се случи на 27ми април беше рушење на уставниот поредок, сите бевме сведоци што се случи пред четири години, дека беше напад на домот на демократијата и за тоа си следеше судска постапка каде веќе делото е завршено и судот е оној којшто треба да одлучи дали станува збор за тероризам, насилство ...., а веќе има одлучено и тоа е веќе завршена процедура во судството“, рече Маркоска.

Ваквиот нејзин коментар доаѓа откако претседателот Стево Пендаровски синоќа во интервју на телевизијата Канал 5 рече дека не мисли дека тие луѓе во затвор треба да се бранат оти ја нападнале демократијата, но дека со нови докази и нови сведоци може да се бара повторно отворање на целиот случај. Тој подоцна за МИА прецизираше дека не планира да даде помилување на осудените лица.

„Јас луѓето првично ги прашував околу мене за какво кривично дело се гонат, јас знам дека такво кривично дело мислам формулација таква немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 90-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи што влегоа“, изјави Пендаровски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, кои в неделата дадоа поддршка на протестот за затворените за упадот во Собранието, денеска преку соопштение побараа повторно отворање на случајот. Кога можеше да се повтори судењето за Монструм, зошто да не се повтори судењето за 27-ми април, прашуваат од опозициската партија.

„Хистеријата која Заев сака да ја предизвика е поради стравот дека во едно повторено судење за случајот со 27 – ми април може да излезат нови докази кои ќе фрлат нова светлина и нова вистина, а таа нова вистина е дека осудените сигурно не се терористи. Дополнително што за овој случај се појави и аудио материјал кој покажува дека главниот сведок на обвинителството е сериозно компромитиран“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку за насилниот упад во Собранието пред четири години во кој беа повредени стотина пратеници, новинари, сниматели и други присутни во Собранието 16 луѓе се осудени на затворски казни од над десет години или вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок”. Дванаесет обвинети меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов добија амнестија. Во тек е уште еден судски случај поврзан со 27 април, за неговите организатори. Во него се обвинети поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски.