Филипче: Ќе овозможиме да се вакцинираат над 10 000 граѓани дневно

Министерот за здравство, Венко Филипче

На пунктовите за масовна вакцинација што треба да профункционираат во уште шест градови од вторник следната недела дневно ќе се овозможи да се вакцинираат и над 10 000 граѓани и воопшто да нема никакви гужви, изјави денеска Министерот за здравство Венко Филипче кој присуствуваше на донација од Словачка за Клиниката за детски болести.

Коментирајќи ги вчерашните реакции од граѓани дека чекале за вакцинација на вакцинални пунктови во Скопје, Филипче денеска кажа дека станува збор за недоразбирање во термините, и дека тоа нема да се случува во наредниот период.

"Има сосема доволен предвиден простор но оваа слика и доколку е некаков ризик, азасега не гледаме дека е ризик, може да се смени со пуштањето на пунктовите за масовна вакцинација, спортските сали кои ќе профункционират од вторник. Веќе во понеделник насекаде ќе бидат дистрибуирани согласно бројот на пријавени граѓани кинеските вакцини и во Тетово, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола и Охрид ќе започне вакцинирањето. Мислам дека ќе биде систем којшто ќе овозможи и над 10.000 граѓани дневно да се вакцинираат и воопшто да нема никави гужви", изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

Филипче дополни дека во земјава се смирува епидемиолошката состојба со Ковид-19 и не е детектирана друга форма на вирусот, апелирајќи во пресрет на велигденските празници граѓаните да бидат совесни и да ги почитуваат мерките.

Србија доставила уште 13 илјади вакцини „Спутник В“ во С.Македонија

Министерот за здравство дополни дека досега вкупно се вакцинирани околу 60.000 граѓани, а во таа бројка се и постарите лица над 70 години и вработените во критичната инфраструктура.

Инаку на Клиниката за детски болести во моментот се лекуваат 15 деца од Ковид-19.

Ова го потврди директорката Аспазија Софијанова, на денешната донација на четирите респиратори од Словачка.

" Имаме 15 деца со 15 мајки кои се лекуваат на нашата клиника. Сите се со полесна клиничка слика и ни едно не е загрозено ", кажа Софијанова.