Пендаровски - Во услови на пандемијата ја искусивме важноста на солидарноста во НАТО

Претседателот Стево Пендаровски се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Нашето членство во НАТО се совпадна со избувнувањето на пандемијата и во почетните месеци на оваа глобална криза, македонските граѓани ја искусија важноста на солидарноста во Алијансата, бидејќи добивме вредна поддршка од земјите членки, како и од самата организација, изјави претседателот Стево Пендаровски по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, заблагодарувајќи се пружената помош во овој период.

Тој истакна дека пандемијата е само еден од предизвиците на хоризонтот и земјава како членка на НАТО, активно ќе учествува во справувањето со традиционалните и новите закани.

Според него, претстојниот самит на НАТО ќе биде добра прилика да се разговара за новите предизвици, но исто така и за зајакнување на трансатлантското партнерство кое без сомнение, ќе има позитивно влијание врз стабилноста на Западен Балкан.

Како што информира Кабиентот на шефот на државата на средбата Пендаровски – Столтенберг станало збор за соработката меѓу Македонија и НАТО, за актуелните регионални и безбедносни прашања, за надворешно-политичките приоритети на земјава и за можностите за продлабочување на соработката во справување со последиците од глобалната пандемија на Ковид-19.

„Претседателот Пендаровски во разговорот со генералниот секретар Столтенберг, ја реафирмираше подготвеноста и посветеноста на Република Северна Македонија во промовирање на мирот и стабилноста, истакнувајќи дека земјава и во иднина активно ќе придонесува во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО во регионот и пошироко“, се додава во соопштението.