Османи со писма до ЕУ за усвојување на преговарачката рамка

Министерот Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи испратил писма до повеќе политички центри во рамките на ЕУ со цел Европскиот Совет во јуни да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март, минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.

„Усвојувањето на Преговарачката рамка и свикувањето на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија стана силна симболична точка кон која се вперени сите погледи на нашите граѓани и целиот регион, што ги издигнува до ниво на тест на кредибилитетот на ЕУ во однос на целиот Западен Балкан. Затоа, започнувањето на овој реформски фокусиран, методичен и навидум технички процес ќе испрати силен охрабрувачки сигнал до нашето општество и низ целиот регион, истовремено зачувувајќи ја строгата условеност воведена со новата методологија, која воведува посилен политички надзор од страна на земјите членки и реверзибилност на процесот“, наведува Османи во писмата.

Од МНР соопштија дека Османи периодов настапува со засилен ангажман и интензивна динамика користејќи ги сите можности за презентација на нашата приказна.

„Османи има јасна цел: Европскиот Совет во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција. Писмата испратени се надополнуваат во дипломатската офанзива на министерот Османи“, стои во соопштението од МНР.

Писмата се адресирани до министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, претседателите на политичките групи во Европскиот парламент, членовите на Комисијата за надворешна политика -АФЕТ, до пратениците од ЕП, кои се дел од неформалната група на пријатели на Република Северна Македонија, како и до други претставници на институциите на ЕУ.