Николовски: Пауновски е разрешен согласно законот и етичкиот кодекс

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски денеска изјави дека разрешувањето на директорот на Државниот пазарен испекторат, Стојко Пауновски е согласно законот и Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции.

Тој порача дека во следните денови ќе се назначи в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат со цел негово непречено функционирање и дејствување. Засега, според него, се уште нема одлука кој ќе дојде на местото на Пауновски.

„Во наредните денови ќе видиме кога ќе има седница на Влада, ќе биде предложен нов в.д. директор и кога ќе биде именуван веднаш ќе ја информираме јавноста, објасни Николовски“, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција.

Тој додаде дека Владата на инспекторатот му дала 22 согласности за вработувања инспектори во Скопје, Струмица, Штип, Берово, Делчево, Крива Паланка, Битола и Прилеп за јакнење на капацитетите.

Разрешувањето на Пауновски доаѓа откако тој изминативе денови јавно му се спротивстави на премиерот Зоран Заев поради 32 рамковни вработени што беа распределени во Државниот пазарен инспекторат.