ССМ бара Ковид-19 да се признае како професионално заболување

Сојуз на синдикати на Македонија- ССМ

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа побара Ковид -19 да се признае како професионално заболување за сите работници. Од ССМ бараат и на вработените кои ќе отсуствуваат од работа поради Ковид-19 да им бидат исплатена целосна плата.

„Последиците од пандемијата можат да бидат катастрофални. Апелираме на заедничко, брзо делување на сите релевантни чинители затоа што од сите нас, без исклучок, зависи дали во периодот кој ни претстои ќе бидеме на висината на задачата да преземеме активности кои ќе обезбедат опстанок“, изјави секретарот на Советот на Сојузот на синдикати на Македонија, Златко Цветковски на денешната прес-конференција.

Од ССМ порачаа и дека е потребна заедничка акција на претставниците на работниците и на работодавачите во насока на подигнување на јавната свест за здравите и безбедни услови за работа. Неопходно е и ефикасно делување на инспекциските служби, како што наведуваат, со цел навремено да се откријат слабостите кои треба да се заменат со решенија за унапредување на здравите и безбедни работни места.

Конфедерацијата на слободни синдикати и Македонското здружение за заштита при работа исто така побараа прогласување на Ковид-19 за професионално заболување и исплата на 100 проценти плата за заболените.