Вархеји повикува на решение меѓу Македонија и Бугарија

Eврокомесарот за проширување Оливер Вархеји

Важно е Северна Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение, напиша на својот официјален профил на Твитер еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој се сретна утрово со македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој по средбата напиша дека пред претседателот Пендаросвки ја истакнал поддршката за официјално отворање на преговорите за членство и потребата Советот на ЕУ да се согласи за преговарачката рамка.

Претседателот на Северна Македонија престојува во дводневна посета на Брисел каде што ќе има средби во ЕУ и во НАТО. Тој денеска се сретна со Вархеји како и со специјалниот претставник на ЕУ за западен Балкан, Мирослав Лајчак и со шефот на ЕУ дипломатијата. Јосеп Борел. За попладне се предвидени средби со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли и со Европскиот Совет, Шарл Мишел.