ГРЕКО: Неприфатливо е Кодексот на однесување да биде во рацете на вицепремиер

Инфографика - Перцепција за корупција - Македонија низ годините

Од вкупно 23 препораки за борба против корупција на ГРЕКО за Македонија само четири се спроведени, девет делумно и девет не се спроведени е заклучено денеска во Стразбур како дел од петтиот круг на оценување на состојбата за борба против корупцијата. На денешниот состанок на земјите од Советот на Европа е заклучено дека борбата на Македонија против корупцијата е на задоволително ниво.

Петтиот круг на евалуација на ГРЕКО се однесува на „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт однона на лица на кои им се доверени највисоките извршни функции како и на органите за спроведување на законот.

Како негативна забелешка во соопштението по состанокот се наведува токму тоа што е посочен како одговорен вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски за спроведување на кодексот е неприфатливо и некомпатибилно со практиката на ГРЕКО, затоа што Заменик-Премиер кој има надлежност да истражува и санкционира прекршувања не треба и истовремено да обезбедува и доверливо советување и собирање докази за прекршувања на Кодексот.

„Понатаму, загрижува постојаното отсуство на проценки на ризикот за интегритет и редовните проценки на влијанието на мерките за интегритет во централната власт. Иако во буџетот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) се внесени значителни финансиски ресурси, таа сѐ уште не е целосно функционална и не може правилно да ги извршува своите должности според законите кои се на сила во моментот. Посебна загриженост е значителниот број на судир на интереси и случаи на откривање на средства кои опфаќаат лица кои вршат највисоки извршни функции, обработени од ДКСК. Понатаму, не изгледа дека е спроведена соодветна анализа на практичната примена на санкциите за судир на интереси и други повреди на интегритетот, ниту пак дека овој режим на санкционирање е ревидиран за да се обезбеди дека ги исполнува предусловите за ефективност, пропорционалност и обесхрабрување“ се вели во соопштението.

Во однос на агенциите за спроведување на законот (полицијата), позитивно е што информациите за буџетот, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност – една од најтајните владини структури – станаа подостапни на Интернет.
ГРЕКО исто така ги поздравува подготвителни чекори за воведување на тестирање на интегритетот за лица кои влегуваат во полицијата, како и полициски персонал во текот на целата нивна служба. Надворешниот надзор на полициските сили од страна на Канцеларијата на Народниот правобранител и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција изгледа соодветен.

Спротивно на тоа, останува да се изврши преглед на ранливостите и ризиците на корупцијата во полицијата и редовна евалуација и проценка на влијанието на годишните антикорупциски програми на полицијата. Што е најважно, оперативната независност на полицијата треба да биде усогласена со стандардите на Советот на Европа за демократско полициско работење и нејзината деполитизација да биде обезбедена во закон и во пракса.

Како позитивни мерки се оценети усвојувањето на новиот Етички кодекс за лица кои вршат највисоки извршни функции, потоа ревизијата на владината Уредба за прифаќање подароци во јавните институции, вклучително и централната власт, како и изготвувањето на Практичниот водич со јасни индикации до лицата кои вршат највисоки извршни функции за тоа како да се идентификуваат судирите на интереси, исто така претставуваат позитивни случувања.